ПЕТИЦИЈА за поддршка на МАРХ Македонска АРХитектура во приговорот до Министерство за култура на Р.М
До:
Министерство за култура
на Република Македонија
ПРИГОВОР
Почитувани,
По јавно објавените резултати за годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата за 2018 година, упатувам приговор – жалба бидејќи целосно е одбиена апликацијата поднесена во име на МАРХ Македонска архитектура.
Без желба да нанесеме штета на било кому од прифатените проекти, ниту да ја потцениме нивната значајност како проекти од национален интерес, сепак морам да истакнам дека ниту еден од истите не може да придонесе повеќе во општата промоција на сферата од опстојувањето на страната www.marh.mk .
МАРХ Македонска архитектура опстојува 3 години од самопридонес и ентузијазмот на основачот, младите архитекти, студенти и фотографи вклучени во работата на страната. Цел тој период без финансиска добивка, со искрена желба за општото добро на македонската архитектура и култура, напорно работевме на растењето на страната.
Во овие три години успеавме да влијаеме на подигнувањето на свеста кај јавноста, да ја обединиме професијата и пред се да ја доближиме архитектурата до обичниот граѓанин. Ги направивме повторно видливи заборавените успеси, оддадовме почит на заборавените автори, создадовме online архива, одвоивме простор за младите студенти да се забележи нивниот талент, отворивме теми кои се од општа корист на граѓаните, ја информиравме јавноста за постоечката стручна литература на македонски јазик, го подигнавме нивото на перцепција кај другите медиуми кои ја третираа архитектурата во мал сегмент, инспириравме создавање на нови, ја подигнавме свеста во образовниот систем за архивирање на градителското наследство, ги документиравме настаните и ги промовиравме тековните достигнувања на современите автори, но и многу повеќе од тоа.
Да се остане со став дека сето тоа што го постигнавме не заслужува ниту парцијална поддршка од Министерството за култура, создава тажна слика и негира успех, воедно продуцира обесхрабрување.
Со побараните средства сакавме страната да ја подигнеме на уште едно повисоко ниво, со подобри медиумски перформанси, со лекторирана содржина, со дублер страна на англиски јазик која би создала неограничена достапност и меѓународна промоција на македонската архитектура, архивирање на тоа што го документиравме сите овие три години во печатени изданија и скромни хонорари за цел тој ангажман, неизоставувајќи ги тековните истражувања и креирање објави кои имаат сериозна архивска содржина за македонската култура. МАРХ Македонска архитектура не е обичен портал, туку сериозна платформа со неспорен потенцијал од корист на фелата и културата.
Кога ја разгледувавте нашата апликација, напоменавме дека се работи за проект кој се случува 365 дена во годината, константна активност од општа корист за сите, што верувам ја прави нашата апликација неконкурентна во поглед на активноста, јавната корист, времето и вкупните резултати.
Ве потсетуваме дека МАРХ Македонска архитектура одговори на сите посебни приоритети, кои беа истакнати како критериум за бодување и оценување. Како дополнителен материјал доставивме и рецензии на етаблирани личности од професијата кои ја истакнаа важноста од постоењето на МАРХ. Уредно подготвени изјави од сите чинители, како и реална можност виртуелно да ги проверите достигнувањата на страната.
Овој приговор го упатувам со цел да иницирам повторно разгледување на апликацијата бидејќи оставен е впечаток дека истата воопшто не е отворена.
Во прилог на оваа жалба, ги доставуваме и потписите на нашите верни читатели кои не се согласни со вашата првична одлука за целосно одбивање на апликацијата на МАРХ Македонска архитектура.
Со почит,
Во име на МАРХ Македонска архитекура:
Филип Конески дипл.инж.арх.
основач и уредник
Comment